A-
 A 
A+
Логин
Серена Вилијамс е кралица на Мелбурн 2010-та
Сабота, 30 Јануари 2010 17:50   
Share |

мелбурнВо финалето на отвореното првенство на Австралија, Жастен Енан не успеа со пехар да го круниса реактивирањето од тениската пензија.

12-тата гренд-слем титула во кариерата Серена ја освои со 6-4, 3-6 и 6-2, за повеќе од два часа уживање на „Род лејвер“ арената.

28-годишната Американка доби само пет поени повеќе од противничката, но имаше 64 проценти на првиот сервис, 12 наспроти 4 аса на Енан, и знаеше како да се одбрани кога треба.

Првата дама на светскиот тенис спаси 11 од 16-те брејк топки на Енан, а реализираше шест поени од 11 шанси да освои противнички сервис што беше доволни да го одбрани ланскиот и да го однесе вкупно 5-тиот трофеј од Мелбурн.

Има по три на Вимблдон и во Њујорк и еден на Ролан гарос, сето тоа за импресивни 12 гренд-слем победи, идентично колку и легендарната Били-Џин Кинг на вечната листа освојувачки на големите турнири.

„Таа е мој ментор, возбудена сум. И реков-се израмнив со тебе, а тоа е голема чест“, не ја криеше радоста Серена.

„Не искористив неколку можности. Разочарана сум, тоа е вообичаено кога губите во финале на гренд-слем, посебно во три сета. Но ова е повеќе отколку што очекував“, коментираше Енан која се врати на терените по 18 месечната пауза и само со 11 меча се пласираше во финалето во Мелбурн.

Победничката на Австралија опен 2004-та има седум гренд-слем титули, но богатата витрина не значи ништо кога од другата страна на мрежата е тенисерка од рангот на Серена, која досега загуби само три од 15 слем финалиња.

Тоа е показател зошто само 4 тенисерки во историјата на големите турнири се подобри од Серена, Маргарет Корт со 24, Штефи Граф со 22, и Крис Еверт и Мартина Навратилова со по 18 пехари.

Машката листа ја предводи Роже Федерер со 15 гренд-слем победи. Во финалето рано наутро по наше време на патот до 16-тата ќе и стои Енди Мареј.

Дилема нема на машкиот турнир во двојки. Браќата Брајан со 2-1 во сетови ги совладаа Србинот Зимоњиќ и Канаѓанецот со македонски корени Даниел Нестор.

извор: А1

 

 

Додади коментар